Иванов: Време е за трансформација на општествата и за меѓусебно почитување

10.03.2016 15:26

Време е за трансформација на општествата и за меѓусебно почитување, да прејдеме во нова фаза како човештво – од регионалниот форум во Баку порача претседателот Иванов. Најголем предизвик е рече како различните идентитети да живеат и напредуваат заедно...

Мирот меѓу муслиманите и христијаните е неопходен за одржлив мир во светот, порака од претседателот Иванов од четвртиот глобален форум во Баку, Азербејџан, на кој учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, како и голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот и бизнис- заедниците. Потенцираше дека за справување со секојдневните предизвици и за решавање на проблемите, неопходна е зголемена комуникација и соработка меѓу државите.

„Кој европски политичар би се нафатил да најде решение за состојбите на Балканот, Кавказот и Блискиот Исток? Тоа е еден Бермудски триаголник на секој политичар, бидејќи сите се бават со последиците, не со причините. Затоа неопходно е да прејдеме во нова фаза како човештво, време е за трансформација, време е за метаморфоза“, рече претседателот Иванов.

Ставајќи акцент на актуелните случувања, Иванов смета дека најголемиот предизвик е да научиме да живееме и да напредуваме заедно. Тој порача дека мирот меѓу религиите не смее да се гради по цена на нивните различности.

„Ние во Македонија имаме 600 години искуство со Исламот и тоа не не направи помалку христијани, ниту муслиманите ги направа помалку муслимани. Меѓутоа, од секој пат, сме ја негувале традицијата на почитување. Најдобар пример за тоа може да ви биде Мајка Тереза, која е родена во центарот во Скопје“, потенцира Иванов.

Покрај учеството на форумот, претседателот Иванов оствари средба и со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев со кого разговараа за интензивирање на соработката на двете земји во сите сфери.

 

Катерина Топалова