„Скајњуз“ го откри идентитетот на 22.000 припадници на ИД
„Скајњуз“ наведува дека со помош на тие документи би можеле да бидат откриени терористички напади кои ги планирале низ Европа. Опозицискиот сириски портал „Заман Ал Васл“ објави дел од формулар со анкета од 23 прашања за име и презиме, датум и место на раѓање...

Телевизијата „Скајњуз“ објави дека протечените документи од исламска држава со податоци за 22.000 припадници на таа организација од 51 земја им биле проследени на британските безбедносни служби кои почнаа истрага.
„Скајњуз“ наведува дека со помош на тие документи би можеле да бидат откриени терористички напади кои ги планирале низ Европа. Опозицискиот сириски портал „Заман Ал Васл“ објави дел од формулар со анкета од 23 прашања за име и презиме, датум и место на раѓање, националност па дури и крвната група на екстремистите, во кои имала увид британскиот медиум.
Во формуларите истакнати членови на Исламска држава биле прашани дали сакаат да и служат на организацијата како бомбаши самоубијци, како војници или на некој друг начин, како и да ги наведат своите претходни „џихадистички искуства“.
Податоците на одредени веќе познати и истакнати членови на терористичката организација исто така се наоѓаат во документите, а меѓу нив има и британски државјани.
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи во Берлин се наведува дека им голема шанса да се идентификуваат германците кои учествуваат во терористички активности и дека документите ќе помогнат да се разбере структурата на оваа терористичка организација.
„Заман Ал Васл“ тврди дека се откриени лични податоци на 1.736 борци од 40 земји, од кои една четвртина се од Саудиска Арабија. Меѓу нив има и голем број државјани на Тунис, Мароко и Египет, како и наводно 16 британски државјани.
Кога станува збор за екстремистите од Европа, најголемиот дел од нив се од Франција, потоа следуваат државјани на Германија и Велика Британија, а има и четворица од САД, и шестмина од Канада.
Марина Автовска
