ЕП по седми пат препорача почеток на преговори за Македонија

10.03.2016 16:36

Европскиот парламент со широко мнозинство препорача по седми пат почеток на преговори за Република Македонија.

Европскиот парламент уште еднаш даде, седма по ред препорака до Советот на ЕУ за почеток на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ, но оваа препорака е условена со одржување на фер и демократски избори.

Известувачот Иво Вајгл, најдобро ја резимира ситуацијата во нашата земја и барањето упатено од ЕП до Советот на ЕУ.

Земјата се соочува со критичен момент - не само што предолго чека пред вратата на ЕУ како земја-кандидат, туку и се соочува со предизвикот на илјадниците бегалци на нејзините граници. Дојде време таа да направи нов чекор кон евроатлантските интеграции и да ги почне преговорите за членство во ЕУ ако изборите се одржат во согласност со демократските стандарди“, рече Вајгл.

Во резолуцијата, како клучни наведени се потребата од спроведување избори според „највисоки меѓународни стандарди“, целосна поддршка за Специјалното обвинителство и подобрување на медиумската состојба.

Европскиот парламент е загрижен и поради политичкото влијание врз јавната администрација, независноста на правосудството. Во документот се поздравуваат напорите за подобрување на добрососедските односи со Грција и Бугарија.

Препораката на Европскиот парламент испратена до Европскиот совет не е обврзувачка, за што зборува и фактот дека изминатите шест последователни препораки за почеток на преговорите останаа без одлука за тоа од страна на Советот.

 

Тони Гламчевски