Градежништвото останува двигател на економијата

10.03.2016 16:54

Градежните компании очекуваат најмалку четири години работејќи на новите капитални инвестиции во државава да го билдаат економскиот раст. Велат ангажманот е исплатлив и владата редовно го плаќа сработеното. На пазарот има дефицит на стручен кадар. Потребни се мерки за обука и доквалификација, но и контрола на градежните компании при тендерирање...

Реализацијата на капиталните инвестиции се гаранција за растот на градежниот сектор – велат бизнисмените од оваа дејност. Очекуваат повеќе работа во претстојниот период. Велат дека само за изградба на трите автопати се ангажирани 2.500 работници, но додаваат оти е потребна доквалификација на работната сила за да се одговори на европските стандарди.

„Најмалку уште четири години градежништвото ќе биде двигател на економијата и нејзин столбТековните проекти  и најавениот зголемен број на капитални инвестиции се сигурна гаранција за раст на градежниот сектор“, изјави Роберт Хор, претседател на Градежната комора при ССК.

Дополнителна работа за градежната оператива отвориле и проектите за домување. Досега над  50 општини понудиле околу 7.500   локации за изградба на куќи, преку проектот „Купи куќа за млади“.

„Очекувам дека најголемиот дел од плановите што ќе ги изработиме ќе бидат директно со Агенцијата. Како ќе ги работиме со сите институции, така ќе излегуваме во јавност за да ги понудиме на граѓаните“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Мисајловски потсети дека до крај на месецов истекува рокот за поднесување нови барања за легализација на дивоградби, апелираше до граѓаните да ја искористат можноста.

 

Дијана Ценевска