Нуланд на јужната македонска граница

10.03.2016 17:02

„Почитување на човековите права и промоција на хумана политика“ - побара првиот човек на Стејт Департментот за европски прашања, Викторија Нуланд за време на посетата на бегалците во Транзитниот центар на јужната македонска граница. Препораката е да се избегнуваат можните тензични состојби...

Предизвиците со кои се соочуваат македонските власти и условите во кои престојуваат бегалците во транзитно - прифатниот центар на јужната македонска граница, беа едни од  аспектите поврзани со бегалската криза за кои непосредно беше информирана заменик- помошникот на американскиот државен секретар за Европа, Викторија Нуланд.

Иако ненајавена, и под силна македонска полициска придружба, посетата беше можност за помошничката на Кери да ја истакне загриженоста на Вашингтон, но истовремено и да се охрабрат напорите на земјите од регионот и од ЕУ во целина за справување со кризата преку почитување на хуманитарното право и меѓународните конвенции за заштита на бегалците.

Нуланд, при средбите со полициските претставници од Македонија, како и со полицајците од Вишеградската група, Австрија, Хрватска и Србија особено се интересирала за активностите поврзани со регистрацијата на мигрантите, како и за избегнување на можните инциденти на границите долж, сега веќе, запечатената западно- балканска рута.

Инаку, во Гевгелија, Нуланд пристигна по увидот на состојбата во граничното место Сеово, кадешто се сретна и со претставниците на високиот комесаријат за бегалци и со лекарите без граници.

Во тамошниот импровизиран камп, се уште стигнуваат мигранти од грчките острови, како и од пристаништето во Пиреја кадешто ноќеска се истовариле нови 800 бегалци. Според последните информации, грчката војска во Грција подига 14 прифатни центри за мигрантите, таканаречени критични точки кои ќе бидат наменети пред сѐ за регистрација на мигрантите и за нивна реадмисија според системот еден за еден  сириски бегалец договорен во начелниот договор на Брисел со Анкара.

Се претпоставува дека во Грција има околу 42 илјади мигранти.

Зоран Богатинов