Нуланд во Атина, Ципрас бара средба со Обама
Во меѓувреме, незадволство во Грција предизвикува изјавата на хрватскиот министер за внатрешни работи Влахо Орепиќ, кој што смета дека реалната граница на Европа ќе биде на грчко-македонската граница...

Дводневната посета на заменикот помошник државен секретар на САД, Викторија Нулад на Грција, започна од Идомени. Како што јавуваат грчките медиуми, Нуланд која што во континуитет е ангажирана за отворените прашања со Македонија и Кипар, како и за темите поврзани со НАТО и со бегалците, во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, а можно е и присуство и премиерот Алексис Ципрас. Според некои информации, грчката страна преку дипломатски канали побарала и средба меѓу Ципрас и американскиот претседател Барак Обама, во рамките на престојната посета на грчкиот премиер на САД, на 22 април.
Во меѓувреме, незадволство во Грција предизвикува изјавата на хрватскиот министер за внатрешни работи Влахо Орепиќ, кој што смета дека реалната граница на Европа ќе биде на грчко-македонската граница.
„И ја имаме таа граница на Европа, која што реално ќе биде на македонско- грчката граница“, изјави Влахо Орепиќ – министер за внатрешни работи на Хрватска.
Грчкото издание на сервисот Си-Ен-Ен изјавата ја оцени како провокативна, истовремено изразувајќи и незадоволство поради затворањето на Балканската рута и на границите, со што илјадници бегалци останале заглавени во Грција.
„Како ова да не беше доволно, па хрватскиот министер за внатрешни работи Влахо Орепиќ дури и ја извади Грција надвор од Шенгенот, провокативно изјавувајќи на телевизијата РТЛ дека вистинската граница на Европа ќе биде онаа меѓу “Македонија” со Грција“, се вели во текстот.
Во Грција во моментов се проценува дека има околу 30.000 бегалци и мигранти. Од нив, околу 17.000 се наоѓаат на грчко-македонската граница во Идомени и според некои информации, дел од нив ќе бидат преместени во други региони на земјата, откако ќе биде завршена конструкцијата на нови центри за сместување во следните неколку денови. На атинското пристаниште Пиреја пак, во моментов се наоѓаат околу 3000 лица кои што времено се сместени во чекалните за патници. Останатите се распрскани низ грчката престолнина и низ остатокот од грчката територија.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
