Венизелос: соседите имаат проблеми со Македонија
24.01.2014 12:52
Евангелос Венизелос пред францускиот сенат објаснувал дека спорот со името кој Грција и го наметна на Македонија...

Грчкиот министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос пред францускиот сенат објаснувал дека спорот со името кој Грција и го наметна на Македонија, е многу помал отколку „идеолошкиот“ проблем која таа го има со Бугарија. Венизелос смета дека македонскиот јазик е „псевдо-македонски“, дека во Македонија 35% од населението зборува албански јазик и дека Атина со албанската заедница од земјата делеле слични гледишта за проблемот со името.
Според Венизелос во зоната на западен Балкан, грчката политика е „јасна“.
-Што се однесува до Македонија, грчкиот шеф на дипломатијата пред француските сенатори нагласил дека „Грција е подготвена да прифати компромис“.
„Грција е првиот инвеститор во Скопје, кој е исто така е нашиот прв туристички пазар. Значи, ние можеме да ја приближиме оваа земја до перспективите за членство во Европската Унија и НАТО.“
Прашан од сенаторот Емери де Монтескио, за тоа какви се односите на Грција со Македонија и дали во Македонија се зборува грчки, Венизелос со одговор:
„Со ПЈРМ треба да се најде компромис за преименување на земјата, бидејќи повеќе територии го носат веќе ова име: Централна Македонија со Солун како престолнина, од каде јас сум пратеник веќе 25 години, западна Македонија, бугарска Македонија, албанска Македонија. Ние предлагаме еден дефинитивен компромис, кој се однесува на името, за секоја употреба“
Во вториот дел на одговорот на прашањето на францускиот сенатор, Венизелос оценува дека „големиот проблем на оваа земја се односите меѓу етничките заедници“.
„Албанската заедница е значајна, 35% со албански јазик“ – изјавува шефот на грчката дипломатија и претседавач со ЕУ, кој потоа се претвора во лингвист и дава дефиниција на македонскиот јазик.
Другиот проблем според Евангелос Венизелос е „идеолошкиот“.
„Има еден идеолошки проблем за вештачкиот национален идентитет, меѓу Скопје и Софија.“
Притоа Венизелос нагласил дека проблемот кој Грција го има со Македонија е многу помал од тој кој што Македонија го има со Бугарија.
„Нашиот проблем со името е мал во споредба со големите јазични и историски прашања меѓу словенските малцинства. Никој не зборува грчки во ПЈРМ“.
На крајот од својот одговор во однос на својот северен сосед, Венизелос открива дека грчките позиции и тие на албанската заедница во Македонија се согласуваат.
„Албанската заедница е целосно отворена, таа се согласува со нас, за името, понезначајно прашање во однос на идеолошкиот и историскиот проблем“ – рече Венизелос пред францускиот сенат.
За МРТ од Франција, Тони Гламчевски
