Британија ќе претрпи штети ако излезе од ЕУ
Обединетото Кралство на 23 јуни ќе гласа на референдум за излегување од Европската Унија. Иако исходот е неизвесен, многумина сметаат дека тоа ќе биде на штета на Европа, но и на Британија...

Излегувањето на Обединетото Кралство ќе ја ослаби Европската Унија и ќе има негативни ефекти врз британската економија. Многу американски и кинески компании ја сметаат Британија како влез во европскиот пазар, па ако таа повеќе не е земја членка, ќе се преселат во други европски држави, оценуваат експертите на универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.
„Надвор од Европската Унија, остатокот од светот има силно мислење, не сакаат Европската Унија да биде поделена. Тоа значи повеќе нестабилност и повеќе проблеми. Веќе има огромна мигранска криза што е приоритет број еден во Европа. Но Британците не се грижат многу за оваа криза“, изјави Филип Де Кор- експерт на универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.
„Луѓето се преселија во Обединетото Кралство бидејќи таму има работни места и можат да заработат ако се талентирани, за разлика од дома. Многумина што неодамна биле во Лондон во кафич, најверојатно ќе бидат послужени од 25-годишен Грк, Шпанец или Италијанец со две дипломи“, смета Матиас Метџис, експерт на универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.
Ако Британците на референдумот на 23 јуни изгласаат излегување од ЕУ, Британија ќе преговара во наредните 2 години за идната соработка со Унијата. Од ова ќе бидат засегнати многу државјани на земји членки на Европска Унија коишто работат во Британија и Британци коишто живеат во Европа.
„Во Европа живеат 2,3 милиони Британци. Некои од нив се пензионери на југот од Франција или во делови на Шпанија. Но има Британци коишто работат во европски држави на работни места слични како во Лондон на кои работат имигранти“, вели Фиона Хил, експерт на институтот „Брукингс“ во Вашингтон.
„Британскиот здравствен систем се вовлеќе во дебатата за Европа. Лидерската страна смета дека ако Британија ја напушти ЕУ, средствата од британските даноци ќе одат за британското здравство. Во ова веруваат многу постари Британци и евроскептици. Другата страна на дебатата прашува што ќе стане со многу лекари и други медицински персонал што работи во Британија“, изјави Тим Оливер, експерт на Лондонскиот универзитет за економија.
Официјален Вашингтон ја охрабрува Британија да остане во Европската Унија. Во спротивно ќе ја смета како средно развиена економска држава и ќе спроведува таква економска соработка.
Доколку Британија излезе од Европската Унија, тоа ќе повлече референдум за независност на Шкотска, но и на други европски држави.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
