Бегалците ќе го напуштат Идомени за две недели

11.03.2016 11:15

Веруваме дека Идомени ќе биде испразнет за една до две недели, рече Кирицис. Тој потенцира дека во Идомени се наоѓаат околу 12.000 луѓе, од кои половината жени и деца.

Бегалците кои сега се наоѓаат на преминот Идомени на грчката страна од границата кон Македонија, доброволно ќе го напуштат ова место за една до две недели, и ќе бидат преместени во некој од организираните прифатни центри, изјави синоќа портпаролот на грчкото координативно тело за справување со бегалската криза, Јоргос Кирицис.

Како што јави АНА-МПА, Кирицис нагласи дека полицијата нема насила да ги отстранува бегалците, туку дека ќе ги информира за затворањето на Балканската рута, и дека не ќе може да заминат на север, за што ќе биде потребно извесно време.

Веруваме дека Идомени ќе биде испразнет за една до две недели, рече Кирицис. Тој потенцира дека во Идомени се наоѓаат околу 12.000 луѓе, од кои половината жени и деца.

Ќе ги охрабриме да влезат во автобусите, што ќе ги пренесат на места каде што има подобри услови за живот, рече портпаролот на грчкото координативно тело за справување со бегалската криза.

Кирицис нагласи дека дислокацијата на бегалците ќе биде поврзана и со договорот, што ЕУ ќе го постигне со Турција околу реадмисијата на имигрантите кои сега се наоѓаат на грчка територија.

Грчките власти синоќа соопштија дека депортирале 81 економски имигрант од Пакистан и од држави од Северна Африка во Турција, од каде што тие илегално влегле во Грција.