Иванов за „Билд“: Забелешките на Брисел се лицемерни
„Лицемерно е да и се замерува на Македонија за справувањето со бегалската криза“- вели претседателот Иванов во интервјуто за германски „Билд“. Според шефот на државава, нашата земја ги плаќа грешките на Европската Унија. Досега од Брисел не сме добиле ниту евро, а сме потрошиле 25 милиони, вели Иванов за „Билд“...

Македонија ги плаќа грешките на Европската Унија, веќе реагиравме до надлежните институции во Брисел во кои информиравме за 9 илјади фалсикувани патни исправи меѓу бегалците и мигрантите. И каква беше реакцијата. Никаква, вели во интервјуто за престижниот германски дневен лист „Билд“, шефот на македонската држава. Затоа, според Иванов, Македонија мораше самата да преземе соодветни чекори за да ја заштити државата. И што добивме, претстава во светските медиуми за несоодветно постапување со бегалците, истакнува претседателот.
Нема да дозволиме да бидеме преплавени со џихадисти, вели Иванов за Билд. Секоја забелешка однадвор е продавање морал и лицемерие. Грција доби 700 милиони евра од итниот механизам на Унијата, а Македонија ниту едно евр, о иако за тоа потроши 25 милиони.
Претседателот потсети дека и во 1999-та, Македонија прифати и згрижи околу 360 илјади бегалци од Косово, затоа по почетокот на оваа бегалска криза, по игнорантскиот однос на некои европски земји, меѓу кои и Германија, Македонија беше принудена да ја заштити државната граница со распоредување на македонската војска. И покрај барањето за споделување информации за можна инфилтрација на екстремисти и терористи, од Берлин бил добиен одговор: Вие сте трета земја, и не можеме да ги разменуваме податоците. Па затоа дополнува Иванов, земјата добила поддршка од други земји. Македонија која не е членка ниту на ЕУ, ниту на НАТО е заглавена во лифтот кон овие организации 25 години, вели Иванов за „Билд“.
Европа, според шефот на македонската држава, не функционира во кризна состојба. Унијата нема кризен менаџмент, Германија наметна систем на реадмисија во Турција, но Иванов се сомнева дека ќе успее германскиот предлог, особено ако се знае дека Берлин нема информации каде исчезнале 130 илјади бегалци во Германија. На надворешните граници на Унијата, особено во Африка е неизвесна судбината на 20 милиони бегалци, а на Унијата и беше неопходно 6 месеци да организира самит за кризата, вели Иванов во интервјуто за германски „Билд“.
Зоран Богатинов
