Странските компании задоволни од условите, расте соработката со домашните фирми

11.03.2016 14:53

Лани извозот од фабриките во технолошките индустриски зони надминал 1,5 милијарди евра, а повеќе од 500 домашни компании испорачувале и делови за нив вредни 46 милиони евра. Има можности за зголемување на соработката и на извозот велат менаџерите на фабриките, но бараат дополнително олеснување на царинските процедури...

Странските компаниите се задоволни од бизнис условите, но велат дека се уште има простор за подобрување на регулативата. Најавија зголемена соработка со домашните фирми, која лани надминала 46 милиони евра, но и отворање на тренинг – центар за подобрување на вештините на кадарот.

„Веќе имаме развиено три компании во Макеоднија во кои имаме отворено над 150 работни места. Конкретно за заварувачи, за автолакери, за тие вештини ние ќе го создадеме овој тренинг центар“, изјави Аврам Стојчевски, Ван Хул.  

Компаниите за годинава очекуваат да остварат зголемен извоз, но сметаат дека е потребно дополнително олеснување на царинските процедури.

„Ние сме млада компанија која има мал тим мошне способни македонски граѓани. Почнавме со градежни активности и тренинг активности. Имаме позитивен одговор за квалитетот на нашите вработени. Многу сме задоволни од Владата во Македонија“, вели Јури Маклаков, Костал.

„Раговаравме за промените на легислативата и за подобрувањата кои ќе бидат применети во слободните зони за странските инвеститори. Разменивме искуства со другите колеги. Разговаравме и за тоа како да го скусиме времето за вработување експерти кои ни се потребни“, изјави Богдан Петрута, КСС.

Странските бизнисмени од слободните зони се сретнаа со првиот човек на Дирекцијата. Според Мизо, има простор за подобрување, со што би се генерирале подобри економски резултати.

„Ваквата можност компаниите ја поздравуваат бидејќи директно можат да кажат што и на кој начин може да се подобри. Сите овие се мултинационални компании кои функционираат во многу земји од светот и понекогаш нивните искуства од тие земји може и ние да ги научиме и да ни ги пренесат во Македонија“, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Странските компании соработуваат со повеќе од 500 домашни компании. Лани извозот од зоните надминал 1,5 милијарди евра.

 

Дијана Ценевска