Шестмина осомничени во случајот „Ќелија“ изразија подготвеност за признавање вина
Шестмина осомничени во случајот „Ќелија“ подготвени да прифатат вина. Во наредните 15 дена ќе се спогодуваат со јавниот обвинител за висината на казната. Ако не се спогодат, одново ќе застанат пред судечкиот совет пред кого ќе ги изнесат приговорите на обвинителниот акт. Се товарат за учество во паравоена формација на територијата на Сирија.

Четворица прифатија да се спогодат со обвинителот за висината на казната. Но, кога на останатите седуммина судот им соопшти дека ќе ја изгубат можноста за спогодбена казна, уште двајца се предомислија изразувајќи подготвеност за прифаќање вина. Ќе ги видат доказите против нив, и во рок од 15 дена ќе се спогодуваат со обвинителството. Ако не се договорат за висината на казните, ќе се закаже нова седница за оценка на обвиненителниот акт.
Искуството покажува дека обвинетите што се спогодуваат, добиваат пониски казни. За учество во паравојската на Сирија, осомничените што не прифаќаат вина може да добијат од четири до 20 години затвор. Затоа еден од нив се обиде веднаш да се спогоди прашувајќи го обвинителот колку ќе добие ако признае дека е виновен. Откако го укорија за ваквата постапка рече дека процесот бил монтиран.
Стефан Стефановски кого припадниците на ИСИС го викале Суфијан, отишол во Сирија да ги лекува ранетите војници на Исламска држава. Рече дека не е виновен, затоа што како лекар имал обврска да ја почитува хипократовата заклетва и да им помага на ранетите и болни.
Вкупно 12-мина, од кои еден е во затвор, се товарат за врбување регрути од Македонија, обезбедување нивна финансиска поддршка и војување во Сирија.
Анита Димитријевска
