Решен статусот на професионалните војници
Се решава статусот на 112 поранешни професионални војници во Армијата, кои останаа без работа поради исполнување на старосната граница. Ги потпишаа договорите за вработување, ќе бидат ангажирани во државните институции. Министерот за одбрана вели дека војниците со стекнатите вештини ќе придонесат во работата на државните органи...

Поранешниот професионален војник Роберт Јанев од росоманското село Паликура и татко на две деца, по шест години активно барање работа доби решение со кое ќе се вработи во судската полиција. Тој е еден од 112 војници кои по завршениот ангажман во Армијата се распоредуваат на работа во државните институции.
„Изминативе шест години бев невработен, сопруг сум и татко на две деца. Соодветно на образованието ќе се вработам во Судската полиција“, вели Јанев.
Дел од колегите на Јанев ќе работат во министерствата за одбрана и за здравство, а дел во Управата за извршување на санкциите и во судската полиција.
„Горди сме што повеќе институции има желба да примат повеќе од вас. Тоа е добар знак и за нас како Армија, како Министерство за одбрана и за вас и вештините кои ги поседувате“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски.
„После голем број на заеднички средби на кои детално ги разгледавме сите аспекти за решавање на вашиот статус и динамика за ваше вработување, еве денес заедно можеме да кажеме дека се затвара прашањето за вработување во државните институции на поранешните професионални војници“, изјави премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев.
Своевремено, ангажманот на професионалните војници завршуваше со навршени 35 односно 38 години, за подоцна старосната граница да се зголеми на 45. Проблем настана кога војниците, по истекување на договорот остануваа без работа, а поради нивната возраст беше тешко да најдат ново вработување. Сега, со новите решенија, проблемот со вработувањата трајно се решава.
Анита Димитријевска
