Кобен обид за илегален премин на границата
Тројца мигранти рано изутрината околу 3 часот се удавиле во надојдената вода на Сува Река. Според информациите од Центарот за управување со кризи Гевгелија, две од удавените се сестри и еден маж. Несреќета се случила при обид да ја преминат реката...

Кобно заврши обидот за илегален премин на тројца мигранти од Авганистан. Изутрината околу 3 часот се удавиле во надојдената вода на Сува Река. Според информациите од Центарот за управување со кризи- Гевгелија, две од удавените се сестри и еден маж нивни братучед. Несреќета се случила при обид да ја преминат реката.
Групата од 26-мина мигранти илегално ја поминале македонско- грчката граница во близина до село Моин. По извесно време им се изгубила трагата. Македонските безбедносни сили кои вршат контроли долж границата затекнале уште 23-ца заглавени во водите на Сува Река. Припадници на ЦУК и АРМ со помош на механизација успеале да ги извлечат за кусо време.
„Околу 5 часот утринава пронајдена е групата која со помош на АРМ, МВР, екипи на Црвениот крст и Противпожарната служба од Гевгелија е спасена. Извлечени се 23 лица од кои 3 веднаш се транспортирани во Медицинскиот центар во Гевгелија. Двајца се со видливи знаци на хипотермија, едната особа е со скршеници“, изјави Зоран Лазаревски- раководител на ЦУК Гевгелија.
Во Прифатно- транзитниот центар Гевгелија им била укажана помош на преостанатите спасени мигранти. Според првичните информации станува збор за полнолетни лица од Авганистан и од Иран.
Сува Река во текот на годините немала вода, имала само речно корито, но поради интензивните врнежи водата била надојдена.
Наташа Гркова- Петрушевска
