Истекува рокот за поднесување годишна даночна пријава
Утре е последен ден за поднесување годишна даночна пријава. Управата бара граѓаните да ја исполнат законската обврска. Како по навика, се чека 5 до 12. Досега до УЈП се поднесени речиси 317 илјади пријави...

Вработените во Управата за јавни приходи со полни раце работа. Голем број граѓани денеска решија да ја завршат својата обврска, ден пред истекот на рокот.
По традиција, поднесувањето на годишната даночна пријава граѓаните го оставаат за последнот ден, кога пред шалтерите на УЈП има најголем метеж.
Грѓаните велат дека и покрај големата гужва, работата тече.
„Господ здравје да им даде, за две минути завршив работа... Брзо оди... За една секунда завршив работа... Оди брзо имаат поставено луѓе, организирано е“, велат граѓаните кои ги затекнавме.
Од УЈП велат дека досега добиле 317.000 годишни пријави. Околу 1.300 граѓани данокот го пријавиле по електронски пат.
„За сите нејаснотии со кои граѓаните ќе се соочат при пополнувањето на пријавата, односно дали некој приход треба да се пријави или не, можат да се обратат до Инфоцентарот на УЈП на телефонот 0800 33 000“, изјави портпаролот на УЈП, Весна Новаковиќ.
УЈП ќе контролира и дали граѓаните ќе ги пријават заработките што ги оствариле на интернет. Сите даночни обврзници кои нема да поднесат пријава во законскиот рок или ќе им биде нецелосна, ќе се смета дека направиле прекршок.
Викторија Милевска
