Објавен нов оглас за обука на занаетчии

14.03.2016 16:17

На обуките можат да се пријават сите невработени лица кои се евидентираат во АВРМ, доволно е само да поднесат апликација. По нејзиното разгледување ќе се склучи договор со комората и со изведувачите на обука, а потоа ќе започнат самите обуки. Ќе траат 6 месеци...

Роберт Ценевски работи како лимар 4 години. Вели занаетот го наследил од татко му и добро заработува. Ги искористиле државните грантови за почнување сопствен бизнис. Досега вработил неколку мајстори. Сепак, вели дека тешко се наоѓаат луѓе за оваа работа.

„Постари има, не можат толку да работат, млади нема, а нас ни требаат млади да ги обучиме за да можат понатаму да продолжат да работат“, вели Ценевски.

Рачно изработените производи имаат голема вредност, вели заменик- министерот за труд и социјална политика Спасов и поради тоа оние кои ќе имаат идеја ќе бидат вклучени во програмата за самовработување. Грантот е 200.000 денари за првите 20 обучени лица.

„Ќе обезбедиме средства за занаетчиите кои ќе ги обучуваат невработените лица до 30 илјади денари по обучено лице. Планот е обуките да траат шест месеци, додека за невработените лица кои ќе посетуваат обука- 6.200 денари месечно“, изјави заменик- министерот Спасов.

Оваа мерка, Агенцијата за вработување ја применува поради потребата од старите занаети кои се барани на пазарот.

„Корисниците на социјална парична помош исто така можат да учествуваат, со тоа што социјалната помош додека трае обуката нема да се укине“, соопшти директорот на АВРМ,  Влатко Поповски.

Пријавувањето ќе трае до 30 април. Обуките се за ковачи, јорганџии, стаклари, лимари, оџачари и бочвари.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска