Тројца мигранти се удавија во Сува Река
Мигрантска несреќа во Македонија. Тројца Авганистанци - две жени и еден маж, утрово се удавија во надојдената вода на Сува Река, откако илегално ја преминале грчко – македонската граница. Македонските безбедносни сили спасиле 23-ца. Дел се хоспитализирани, дел се префрлени во транзитно – прифтаниот центар „Винојуг“...

Трагично заврши обидот за илегален премин од Грција во Македонија за тројца мигранти од Авганистан. Несреќата се случила при обид да ја преминат Сува Река, но не успеале затоа што водата била надојдена поради поројните дождови. Од Центарот за управување со кризи информираат дека две од удавените се сестри, а настраданиот маж им е братучед. Едната од удавените жени била бремена.
Полицијата соопшти дека групата од 26-мина мигранти илегално ја преминале македонско- грчката граница во близина до селото Моин. Се обиделе да го продолжат патот низ Македонија. Македонските безбедносни сили кои вршат контроли долж границата затекнале 23-ца заглавени во Сува Река и три мртви тела.
Интервенирале припадници на ЦУК и АРМ, Црвениот крст и полицијата. Ги извлекле со помош на армиската механизација.
„Околу 5 часот утринава пронајдена е групата која со помош на АРМ, МВР, екипи на Црвениот крст и Противпожарната служба од Гевгелија е спасена. Извлечени се 23 лица од кои 3 веднаш се транспортирани во Медицинскиот центар во Гевгелија. Двајца се со видливи знаци на хипотермија, едната особа е со скршеници“, изјави Зоран Лазаревски- раководител на ЦУК Гевгелија.
По акцијата за спасување, истражните органи извршиле увид на теренот. На местата каде што биле затекнати мигрантите има остаток од алати и ракавици, предмети за кои се претпоставува дека би се користеле за сечење на заштитната ограда на границата за да влезат во земјава.
Во Прифатно- транзитниот центар Гевгелија им била укажана помош на преостанатите спасени мигранти. Станува збор за луѓе од Авганистан и од Иран, меѓу кои имало и деца.
Наташа Гркова- Петрушевска
