Метеж на шалтерите на УЈП: Истекува рокот за поднесување годишна даночна пријава

15.03.2016 13:45

Во канцелариите на УЈП метеж, граѓаните брзаат да го пријават данокот. Ако тоа не го направат, се соочуваат со казна од 100 до 200 евра...

Последен ден за доставување годишни даночни пријави за пријавување на дополнителните приходи. Управата очекува да прими 400 илјади пријави. Во канцелариите на УЈП метеж, граѓаните брзаат да го пријават данокот. Ако тоа не го направат, се соочуваат со казна од 100 до 200 евра.

Годишна даночна пријава (ГДП) задолжително се поднесува за остварен приход освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, приходи од кирии од издавање имот - закуп или подзакуп, авторски права, индустриска сопственост; исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, добивка од наградна игра во износ поголем од 5.000 денари, приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страни.

Годишна даночна пријава треба да се поднесе и за лични примања од странство, работно ангажирање во амбасада, мисија на меѓународна организација..., приходи остварени преку интернет како е-трговија, услуги извршени преку специјализирани страни на пример www.freelancer.com, www.upwork.com, поставување реклами на сопствени интернет страни, прогнози на типови за спортски натпревари и други дополнителни приходи, надвор од редовнаta плата или пензија.

Граѓаните кои во текот на минатата година оствариле приходи по основ на надомест од договори за дело, авторски договори и други договори за кои постоеше обврска за плаќање социјални придонеси за т.н. „хонорарци“ согласно одредбите на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во примена од 1 јануари 2015 до 31 јули 2015 година, потребно е да ги искажат соодветно и во годишната даночна пријава, во зависност од видот на исплатата.