ОЕЦД: Македонија најконкурентна во регионот
Македонија е лидер во регионот во конкурентност. Организацијата за економска соработка и развој ја рангира како најдобра во трговската размена, развојот на дигиталното општество, транспортот, даноците...

Извештајот на ОЕЦД за конкурентноста во ЈИЕ за 2016 ја рангира Македонија како земја лидер. Анализата на 15 клучни политики покажала дека во конкуренција на: Албанија, БиХ, Косово, Србија и Црна Гора, Македонија била прворангирана во 6 области, а во 5 била на второ место.
„Владата има подготвено соодветен акциски план за периодот од 2016 до 2020 година со кој треба да се развиваат мерки за подобрување на конкурентноста. За таа намена во Буџетот имаме издвоено над 130 милиони евра“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Со овие средства ќе бидат поддржани планираните 48 мерки, најави Пешевски, напомнувајќи дека Владата е подготвена да ги разгледа и препораките на ОЕЦД за да се подобри дополнително конкурентноста на домашните компании.
За таа цел се реализираат повеќе инфраструктурни проекти чија вредност надминува милијарда евра, изјави Пешевски. Македонија во Извештајот е прворангирана во доменот на: трговската размена, развојот на дигитално општество, транспортот, пристапот до финансии, даноците и јавните услуги.
Најголем простор за напредок има кај инвестициите, каде што земјава е трето рангирана и во сферата на културата и креативните бизнис, каде што сме рангирани на четвртото место.
„Зошто оваа публикација е толку важна, затоа што може да им помогне на владите да видат кои реформски зафати треба да ги имплементираат за подобрување на конкурентноста и за благосостојба на граѓаните“, вели Алан Паиќ, претставник на ОЕЦД.
ОЕЦД со извештајот сака да му помогне на регионот да се извлече од просечноста и средните приходи и да прерасне во регион воден од иновациите, создадените вредности и вештините и да заснова економија базирана на знаење и развој, вели Паиќ.
Македонија има солидни подобрувања во иновативноста и тоа треба да продолжи. Според него, условите за инвестирање во земјава се добри, со силна Агенција за промоција, но потребна е потесна соработка со приватниот сектор за да се обезбеди бараната работна сила со соодветните квалификации и вештини.
Свето Николовски
