Клинтон и Трамп- најсериозни кандидати за претседател на САД
Втор „супер вторник“ во САД. Демократот Хилари Клинтон и Републиканецот Доналд Трамп освоија најмногу победи на прелиминарните избори. Клинтон и Трамп станаа најсериозни кандидати за освојување на номинацијата за американскиот претседател...

Доналд Трамп победи во Флорида, но изгуби во Охајо од гувернерот Џон Кесич, со што не успеа да стане сигурен претседателски кандидат на Републиканците. Сенаторот Марко Рубио се откажа од изборната трка и побара Републиканците да се обединат за доброто на Америка. Сенаторот Тед Круз и гувернерот Џон Кесич останаа да му се спротистават на Трамп во трката за освојување на номинацијата за Белата куќа.
„Почнувајќи од утре, секој Републиканец има јасен избор. Само две кампањи имаат можен пат кон номинација, нашата и на Доналд Трамп. Никој друг нема ниту математичка шанса. Само една кампања го победи Доналд Трамп, неколку пати“, изјави Тед Круз- претседателски кандидат на Републиканската партија.
Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон беше поуспешна од противкандидатот сенаторот Берни Сендерс во 4 од 5-те сојузни држави во кои се одржаа прелиминарни избори. Со ова, таа речиси е сигурен кандидат за номинацијата на демократската партија.
„Додадовме околу 300 делегати и над 2 милиони гласови на национално ниво.Се придвижуваме поблиску до обезбедување на номинација на Демократската партија и до победа на изборите во ноември“, изјави Хилари Клинтон- претседателски кандидат на Демократската партија.
До конвенциите на демократската и републиканската партија при крајот на јули, изборната трка продолжува со прелиминарни избори во останатите американски сојузни држави. Се засилуваат протестите против Доналд Трамп, а против него објави дека ќе се бори и хакерската група „Анонимус’.
За Освојување на номинацијата за претседател на Републиканската партија, кандидатот треба да добие поддршка од 1.237 делегати, додека кандидатот на Демократската партија 2.383 делегати.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
