Грците гневни: На Министерот за миграција му се „испушти“ Македонија

16.03.2016 14:30

Ненадајна политичка криза преку ноќ ја стресе грчката влада, откако министерот за миграција Јанис Музалас во телевизиско гостување, зборувајќи за инцидентот на границата, нашата земја ја нарече Македонија, јавува дописникот на МРТ од Атина.

„Сметаме дека имаме докази дека овде станува збор за валкана игра одиграна од организации кои што тврделе дека се волонтери, но всушност немаат никаква врска со нив и кои што помогнале и го организирале преминот од Идомени во Македонија“, изјави Музалас за ТВ Скај.

Иако министерот кој што доаѓа од редовите на Сириза, набргу потоа се извини, правдајќи се дека згрешил и направил гаф бидејќи бил занесен во зборувањето, тоа сепак не ја сопре бурата од реакции и критики што започна речиси веднаш по емитувањето на емисијата.

Оставка од Музалас побараа од коалицискиот партнер во владата, Независни Грци, од најголемата опозициска партија Нова демократија, од уште голем број други партии и здруженија.

„Извинувањето не е доволно, барам негова оставка“, порача лидерот на Независни Грци, Панос Каменос.

Во соопштението на неговата партија пак, освен барањето за оставка, беше реафирмиран и ставот дека Независни Грци немало да преговараат за името Македонија и за нивната историја.

„Македонија и нејзината историја се Грчки и тоа е докажано. Иако многу години поминаа, Грците ги знаат нашите корени и никој нема да не отсече од нив. Музалас можеби е многу способен во однос на справувањето со миграцијата, но за нашите национални прашања не се дозволуваат грашки и гафови, па дури ни еднаш“, се вели во партиското соопштение.

Од опозициската Нова демократија на Кириакос Мицотакис пак, не се согласуваат дека Музалас бил способен за справување со миграцијата, но во однос на оставката, опозициската партија е едногласна со владиниот колаициски партнер.

„Додека состојбата во Идомени, како и воошто целoто бегалско-мигрантско прашање е надвор од наша контрола, тангирајќи ги при тоа и нашите односи со Скопје, г-динот Музалас стори голем гаф. Тој во јавноста бј РМ ја нараче Македонија со што ги зајакна аргументите и генералната политика на Скопје“, се вели во соопштението на Нова демократија.

И останатите политички партии и здруженија кои што реагираа, речиси едногласно бараат оставка од Музалас, обвинувајќи го за непочитување на националните линии, со што ги посрамотил Грците, а на Македонија и дал аргументи во нејзина корист.

Инаку, попладнево во Атина заврши средбата меѓу коалициските партнери Ципрас и Каменос, на која што се чини дека двајцата соговорници засега единствено се согласија дека не се согласуваат. Каменос по средбата го реафирмираше барањето за оставка на Музалас, но нагласи дека Независни Грци сеуште ја поддржуваат владата на Ципрас, како и тоа дека конечната одлука ќе се донесе по утрешниот Самит.

 

Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ