Уставен Суд: Претседателот ќе помилува за сите кривични дела

16.03.2016 15:08

Одлуката на Уставниот суд е донесена со мнозинство гласови на седница затворена за јавноста...

Претседателот ќе помилува за сите кривични дела. Уставниот суд ги укина измените на законот за помилување, со кои од 2009-тата наваму, на шефот на државата му беше скратено правото да помилува обвинети или осудени лица за изборни измами, педофилија, шверц на дрога, и други тешки кривични дела.

Претседателот има овластувања да запре или отфрли кривична постапка во фаза на прогон, но и да им ја намали или укине казната на криминалци осудени со правосилна судска пресуда како и можност да им изрече алтернативна санкција.

Одлуката на Уставниот суд е донесена со мнозинство гласови на седница затворена за јавноста. Дел од судиите имале издвоено мислење, а нивните аргументи, како што брифираат од судот, ќе бидат објавени за неколку дена.

 

Анита Димитријевска