ИКТ и вработување лица со попреченост: Европска кампања за дигитално вклучување
Во последните години е направен значителен напредок во развивање на реалните капацитети на лицата со попреченост и нивно вработување на реални работни позиции, велат од комората на информатичари „МАСИТ“.

Преку подигање на свеста за значењето на информатичко - комуникациските технологии и дигиталните виштини како алатки што можат да помогнат при вработување лица со попреченост, институциите, невладиниот сектор и компаниите ќе овозможат полесен пристап и еднакви можности на оваа категорија до пазарот на трудот. Во последните години е направен значителен напредок во развивање на реалните капацитети на лицата со попреченост и нивно вработување на реални работни позиции, велат од комората на информатичари „МАСИТ“.
„Според искуствата на развиените земји, лицата со попреченост - особено луѓето со различни форми на аутизам поседуваат посебен сет вештини, како што се внимание на детали, силни логички и аналитички вештини, способност за концентрација во долги периоди на време, посветеност, лојалност и нулта толеранција на грешка“, изјави Анита Никова, МАСИТ.
Преку неколку проекти Агенцијата за вработување поддржува обука на инвалиди и на лица со попреченост.
„Глобално бројката на инвалиди од она што ние го имаме, што е обележана, се движи меѓу 3.800 и 3.860. Има многу што се вработени, а што не се обележани како лица со попреченост“, вели директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
Преку стратегијата за дигитална инклузија се реализирани многубројни проекти со кои директно им се олеснува пристапот до дигиталните вештини на лицата со посебни потреби, вели министерката Марта Арсовска-Томовска.
„Министерството за информатичко општество и администрација полага особено внимание во развојот на инклузивно општество, во надминување дигиталниот јаз и обезбедување на една низа на проекти кои ќе обезбедат вклучување на разни категории лица, како социјални категории, на лица со посебни потреби и други лица во модерните текови“, изјави министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска- Томовска.
Невладината „Отворете ги прозорците“ со порака- потребна е работа и со двете страни. Лицата со попреченост да се обучат како да ги истакнат своите јаки страни и потенцијалот, а компаниите како да ја подигнат свеста на вработените. Европската кампања „Недела на дигитално вклучување 2016“ кај нас се одржува веќе петта година по ред.
Свето Николовски
