Претседателот ќе помилува за сите кривични дела
Уставниот суд со мнозинство гласови ги укина измените на законот за помилување. Со ова на претседателот му се враќа можноста да помилува за секакви дела. Реагираа партиите. За СДСМ одлуката е срамна, за ВМРО-ДПМНЕ опозициската партија врши притисоци врз судството. ГРОМ смета дека граѓаните ги одбраниле институциите...

Претседателот ќе може да помилува за сите кривични дела. Уставниот суд ги укина измените на законот за помилување со кои од 2009-та наваму, на шефот на државата му беше скратено правото да помилува обвинети или осудени лица за изборни измами, педофилија, шверц на дрога. Освен што може да ја намали или укине казната на осудени со правосилна судска пресуда или да им изрече алтернативна санкција, има ингеренции да запре или отфрли постапка во фаза на кривичен прогон.
Одлуката на уставниот суд, велат оттаму, е донесена со мнозинство гласови на седница затворена за јавноста. Дел од судиите имале издвоено мислење, а нивните аргументи, велат од судот, ќе бидат објавени за неколку дена.
Одлуката на судот, како и иницијативата за преиспитување на уставноста на измените на законот за помилување, предизвикаа поделени мислења.
Од СДСМ велат - Ваквата одлука на судот е срамна и претставува злоупотреба на партиските инсталации во судството со надеж дека Груевски ќе се спаси од одговорноста затоа што владејачката партија не само што ги крадела парите на граѓаните, туку и го украла правото на глас.
Од ВМРО-ДПМНЕ со став - СДСМ прави притисок врз судството, што е одраз на нивната безидејност за фер политичка битка што ја прикриваат со деструкција и насилство врз секој што не размислува по теркот на Бихаќка. Единствената разлика меѓу СДСМ во 2009 и СДСМ во 2016 е што тогаш претседател на Македонија беше Бранко Црвенковски кој имаше моќ да аболицира криминалци како Зоран Заев, велат од владејачката партија.
За ГРОМ, партијата која организираше собир за поддршка на институциите, се покажало дека врската со народот е нераскинлива.
Пред Уставниот суд, во пресрет на денешната седница синоќа протестираа граѓански здруенија на кои им се придружи и СДСМ.
Анита Димитријевска
