Бегалската криза во Европа ќе трае подолго време
Европа ќе се соочува со бегалци и во наредните 10 години, оценува високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Филипо Гранди. Според него, само враќање на мирот во Сирија и на Блискиот Исток може да го сопре бранот бегалци кон Европа. Гранди ги демантираше извештаите на некои медиуми дека го осудил затворањето на границите на Балканот, бидејќи европските држави не успеале да бидат солидарни при прифаќањето на бегалците...

Бегалската криза во Европа ќе трае подолго, предвидува новоназначениот Висок Комесар за бегалци на Обединетите нации, Филипо Гранди. Сирија ја напуштиле околу 12 милиони луѓе, што е половина од населението на оваа држава. 6,5 милиони Сиријци се во бегалски кампови во Турција, Јордан и во Либан, а над еден милион во Европа. Високиот Комесар за бегалци не ги обвинува државите кои ги затворија границите, бидејќи Европската Унија не успеа да го спроведе договорот за рамномерно преземање на бегалците.
„Кога Европа почна да прима голем број на луѓе преку грчкиот пат, конечно Европската унија донесе вистински одлуки. Границите да бидат менаџирани на подобар начин, луѓето коишто пристигнуваат на таканаречените топли точки да бидат регистрирани и да биде одлучено дали се бегалци или не, пред да бидат прелоцирани низ Европа.Тоа беа добри одлуки, што ние ги поддржувавме, но никогаш не беа вистински спроведени, бидејќи немаше доволна солидарна соработка меѓу европските држави за да бидат спроведени едногласно“, изјави Филипо Гранди, висок комесар за бегалци на Обединетите нации.
Прекин на насилствата и политичка стабилизација на Сирија е решение за бегалската криза. Во меѓувреме, собраните 11 милијарди долари на Лондонската конференција ќе бидат искористени за реконструкција, образование за децата бегалци и обука за работа на возрасните. Обединетите нации инсистираат дека враќањето на бегалците треба да биде доброволно.
„Но има и други аспекти што се посложени, како кога бегалците се враќаат во Турција. Имаше многу шпекулации во медиумите дека УНХЦР го осудил ова како нелегално. Но реадмисија како што технички се наречува овој процес, понекогаш е можна ако се спроведе со целосно почитување на правата на бегалците и со нивна целосна заштита кога ќе бидат вратени во Турција“, изјави Гранди.
Високиот Комесар за бегалци предупреди дека една третина од бегалците во Европа се од Авганистан, и дека ако не се стабилизира ситуацијата во Либан и во Тунис, Европа може да се соочи со бран бегалци и од овие држави.
Во септември за време на Генералното Собрание на Обединетите нации ќе се одржи конференција за враќање на бегалците во Сирија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
