Промовирана монографијата „АРМ- 12 години амбасадор на мирот“
АРМ- 12 години амбасадор на мирот. Промовирана првата монографија за учеството во мировната операција ИСАФ во Авганистан. За професионализмот и обученоста, врвни признанија и ордени за храброст. Македонската армија во Авганистан е дел од новата мисија на НАТО „Одлучна поддршка“.

12 години учество во мисијата „ИСАФ“, една од најголемите мировни операции на НАТО во Авганистан. Низ 40 ротации околу 2 илјади и 700-ни припадници на АРМ покажаа дека се вистински репрезенти на Македонија и амбасадори на мирот. Токму со овој наслов е и првата ексклузивна публикација што низ фактографски податоци го одбележува периодот од почетокот на нашето учество во ИСАФ во 2002-та, па се до завршувањето на мисијата во 2014-тата. Македонските мировници беа познати по врвната обученост и по професионализмот. Беа ангажирани и во одбрана на американската амбасада која во 2011-та беше нападната од талибанците.
„Искуството на припадниците на АРМ во Авганистан е од голема корист за предизвиците со кои денеска Македонија се соочува- мигрантската криза. Ние како армија и држава се покажуваме како достоен партнер на меѓународната заедница, и заедно со нашите мировници придонесуваме за мирот и стабилноста во другите делови од светот, меѓутоа од друга страна, нашите офицери, војници, се здобиваат со огромно искуство“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Почнавме со двајца штабни офицери во рамките на турскиот контингент, потоа беше доверена една од најзначајните задачи, обезбедување на главната команда во Кабул за да се заврши со учество од околу 160 војници и старешини, со што Македонија беше меѓу првите пет земји учеснички, споредено со бројот на жители. Многубројни признанија и ордени за храброст.
„Единиците на АРМ во различни состави преку сили за обезбедување, тимови за менторирање и врски, медицински тимови и старешини за обука и штабни офицери, за 12 години извршија повеќе од 40 ротации, меѓу кои и еден дополнителен контингент на наменски сили Феникс, на националната гарда на Вермонт, САД“, изјави Александар Стојчев, директор на Воениот музеј.
АРМ продолжува да е дел од коалициските сили во Авганистан. Во новата мисија „Одлучна поддршка“ учествува со контингент од 39 припадници.
Милчо Велески
