Одбележан Денот на крводарителството

17.03.2016 14:55

Лани 48 илјади граѓани доброволно дарувале крв, од нив 6.000 за прв пат. Сѐ уште меѓу дарителите доминираат мажите, само 18 проценти се жени. На Денот на крводарителството, потсетување дека крв може да се даруваат сите на возраст од 18 до 65 години, но оние што се здрави, витални и немаат здравствени проблеми...

Гани Јаша, иако знаел дека неговата крвна група е нулта позитив сепак дошол да се осигура. Тој е во 60- тите години од животот, досегане дарувал крв, но вели дека на наредниот апел за спас на човечки живот, сигурно би се јавил.

„Ова е многу добра работа од страна на Црвениот крст да знаеме која крвна група сме, бидејќи ако има апел да даруваме крв, да спасиме човечки живот, да можеме да даруваме и да го спасиме од смрт“, вели Гани Јаша.

Негативните крвни групи се поретки, но од Институтот за трансфузиона медицина велат, се трудатсекогаш да имаат доволно залихи од сите крвни групи. Радува фактот што во последно време се повеќе млади стануваат крводарители.

„Сѐ почесто се јавуваат млади, нови дарители што за прв пат даруваат, драго ни е што се случува тоа, бидејќи крвта е драгоцена течност што му е потребна на секој. Се дарува крв од 18 до 65 години, може да даруваат луѓе што се здрави, витални и кои немаат здравствени проблеми“, изјави д-р Ефтим Димитровски, Институт за трансфузиона медицина.     

На Денот на крводарителството, волонтерите од Црвениот крст делеа флаери со информации каде може да се дарува крв.

„Директниот контакт со граѓаните е важен во процесот на мотивација, бидејќи некогаш луѓето од недоволна информираност не се вклучиле како дарители на крв или некогаш им треба дополнителен мотив. Институтот за трансфузиона медицина ќе врши проверка на крвната група“, вели Александра Валкановска, Црвен крст на Град Скопје.  

Лани 48 илјади граѓани во земјава доброволно дарувале крв, шест илјади за прв пат. Сеуште доминираат мажите, само 18 проценти од дарителите се жени. 

 

Андријана Атанасовска