Турција: Засилени безбедносни мерки по нападот во Анкара
Состојбата во Турција е тензична по последниот терористички напад што се случи во Анкара на 13 март, и во кој загинаа 37 лица и над 120 беа ранети. Властите ги засилија проверките на автомобили, по улиците има повеќе полицајци...

Екстремистичката група „Јастребите на слободата на Курдистан“, ја презеде одговорноста за самоубиствениот бомбашки напад во Анкара, во кој загинаа 37 лица. Групата соопшти дека нападот е одговор на операциите во курдскиот југоисточен дел на земјата, кои траат од јули и во кои загинаа стотици цивили, припадници на безбедносните сили и екстремисти. Групата претходно ја презеде одговорноста и за минатомесечниот напад во Анкара, во кој загинаа 29 лица.
Во меѓувреме турските власти ги засилија безбедносните мерки во Анкара и Истанбул заради ризикот од тероризам.
„Терористите сакаат да не победат, да го сменат нашиот вообичаен начин на живот и да создадат хаос, но ние нема да им го дозволиме тоа и ќе продолжиме да му се спротивставуваме на тероризмот“, изјави премиерот на земјата, Давутоглу.
Властите во земјата денеска ги затворија германската амбасада во Анкара и генералниот конзулат на земјата како и германското училиште во Истанбул поради терористичка закана. Германија претходно ги предупреди своите државјани во Анкара за „можен напад“. Во јануари 12 германски туристи беа убиени во самоубиствен напад во Истанбул, за кој беше обвинета групата Исламска Држава.
Состојбата во Турција е тензична по последниот терористички напад што се случи во Анкара на 13 март, и во кој загинаа 37 лица и над 120 беа ранети. Властите ги засилија проверките на автомобили, по улиците има повеќе полицајци, а се зголемени и мерките за безбедност во големите трговски центри и на местата каде што се собираат многу луѓе.
Марина Автовска
