САД: ИДИЛ извршува геноцид
Исламската држава на Ирак и Левант е одговорна за геноцид. Ова и официјално е ставот на Соединетите Американски Држави во однос на злосторствата што припадниците на ИДИЛ ги извршија врз христијаните, муслиманите Шиити, Курдите и други малцинства на окупираните територии.

Соединетите Американски Држави официјално ги обвинија припадниците на Исламската држава на Ирак и Левант за извршување геноцид врз христијаните и муслиманите Шиити.
„Според моја проценка, Исламската држава е одговорна за геноцид врз групи во областите што ги контролира, вклучувајќи ги Језуидите, христијаните и муслиманите Шиити. Исламската држава е геноцидна и според сопственото објавување, по идеологијата и според активностите, за она што го велат, веруваат и го прават. Исламската држава исто така е одговорна за злосторства против човештвото и за етничко чистење врз некои од овие групи, а во некои случаи и врз муслиманите Шиити, Курдите и другите малцинства. Поради конфликтот и непристапност кон клучните области, невозможно е да составиме комплетно досие“, изјави американскиот државен секретар Џон Кери.
Воените операции на коалицијата предводена од САД против цели на Исламската држава ќе продолжат, соопшти американскиот државен секретар.
„Го деградиравме нивните лидери, ги нападнавме ресурсите и снабдувањето. Во моментов сме во дипломатска иницијатива која има за цел да стави крај на војната во Сирија. Таа граѓанска војна оди во прилог на ИДИЛ. Она што го правиме сега е натамошна изолација на ИДИЛ, да ги ослабиме и на крајот да ги победиме. Работиме интензивно да го запреме ширењето на ИДИЛ и нивните соработници, во и надвор од регионот. Сето ова е извонреден напор на голем дел од меѓународната заедница и Соединетите Американски Држави“, изјави Кери.
Од 2014-та година наваму, ИДИЛ окупираше територии од Ирак и Сирија. Коалицијата успеа да врати 40 проценти од окупираната територија на Ирак и 20 проценти од Сирија. Исламската држава е одговорна и за уништување на културното наследство во овие држави.
Последен пат Стејт Департментот обвинил некој за геноцид пред повеќе од десет години.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
