Димитриев- Паролин: Унапредување на односите на билатерален план

18.03.2016 13:16

Во фокус на средбата помеѓу државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин и премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев било продлабочувањето на соработката во образованието и науката, културата и здравството. Потврда за пријателските односи- зголемената динамика на билатерални посети...

Државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин е во Македонија. На средбата со премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев во фокусот било продлабочувањето на соработката во образованието и науката, културата и здравството. Потврда за пријателските односи- зголемената динамика на билатерални посети. Паролин и Димитриев со став- има неискористени потенцијали за унапредување на односите на билатерален план.

„Билатералните односи меѓу Македонија и Ватикан се одлични. Сепак, на посочивме на можноста за подобрување на тие односи во одредени точки. Заклучивме дека споделуваме заеднички вредности меѓу кои промовирањето на мирот, духовните вредности, соживотот, почитувањето на различностите... Сѐ се тоа вредности кои носат подобрување на животот во едно општество“, истакна кардиналот Паролин.

Оваа посета за нас има исклучителна важност бидејќи Република Македонија и Ватикан споделуваат заеднички духовни и културни вредности кои претставуваат цврсти мостови меѓу двете земји, рече премиерот Димитриев.

„Цивилизациското наследство на Мајка Тереза и светите браќа Кирил и Методиј создадоа нераскинливи историски врски за кои се обврзавме дека ќе ги негуваме и во иднина. Го поздравуваме досегашниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Светиот Престол, релации кои се одраз на меѓусебно разбирање и искрена почит. Се согласуваме дека пред нашите две земји стојат неискористени потенцијали за нивно натамошно унапредување, како на билатерален, така и на меѓународен план“, нагласи премиерот Димитриев.

Кардиналот Паролон имаше средба и со шефот на државава Иванов.