Aктери аматери со Даунов синдром ќе ја изведат „Викај ги среќа“ во МНТ

18.03.2016 14:57

Претставата го слави животот и покажува дека овие лица ги имаат истите соништа како и нас- велат актерите. Имаат и талент за глума.

Сакаме да бидеме вистински актери - вака децата со даунов синдром го пренесоа искуството од неколку неделните проби на претставата „Викај ги среќа“. Во театарското остварување ја играат главната улога. Премиерата е в недела.

„Сакам да бидам дел од театарот, да станам вистинска глумица.. Во претставата  играм среќна“, вели Габриела Трајчевска.

„Претставата сакам да ја посветам на моите колеги Петре Прличков и Ѓорги Колозов. Сакам да го продолжам тој пат“, вели Гоце Маринковски.  

Претставата го слави животот и покажува дека овие лица ги имаат истите соништа како и нас- велат актерите. Имаат и талент за глума. 

„Претставата е за нас и нашиот однос кон овие лица. Тоа се лица кои имаат исти желби, соништа, стравови како и нас“, изјави актерката Искра Ветерова.

„Треба да им дадеме можност да се вклучат редовно во образованието, да направиме вистински инклузивни училишта во кои ќе можат рака под рака со другите дечиња да ги совладуваат содржините кои  им се потребни“, вели Ида Мантон, претседател на Центарот за даунов синдром.

Министерката канческарече дека залагањата се овие лица да бидат поактивни чинители во креирањето на културните содржини.

„Нашите залагања беа лицата со посебни потреби да се интегрираат во културниот живот и со својот специфичен сензибилитет, со својот талент и креативност кој што го поседуваат да станат рамноправни и корисни чинители во градењето на културниот мозаик на нашата држава“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа - Милевска.

Под мотото „Моите пријатели- моја заедница“, се одбележува 21 март - Светскиот ден на лицата со даунов синдром.

 

Андријана Атанасовска