Државниот секретар на Ватикан во Македонија: Мир, соживот и почитување на различностите

18.03.2016 17:08

Мир, соживот, почитување на различностите – порака од државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин кој за првпат е во посета на земјава. Рече дека Мајка Тереза и светите браќа Кирил и Методиј се главната врска меѓу Македонија и Светата Столица. На Водно осветена новата бискупска резиденција. „Ова ќе биде дом за секој верник“, рече бискупот, Киро Стојанов...

„Цивилизациското наследство на Мајка Тереза и на светите браќа Кирил и Методиј создадоа нераскинливи историски врски за кои се обврзавме дека ќе ги негуваме и во иднина“- оваа порака премиерот за спроведување на изборите, Димитриев му ја пренесе на државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин кој е во официјална посета на земјава. Кардиналот рече дека Македонија и Ватикан споделуваат заеднички вредности, како што се промовирањето на мирот, духовните вредности, соживотот и почитувањето на различностите.

„Го поздравуваме досегашниот развој на билатералните односи помеѓу Македонија и Светиот престол, релации кои се одраз на меѓусебно разбирање и искрена почит. Се согласуваме дека меѓу нашите две земји стојат неискористени потенцијали за нивно натамошно унапредување како на билатерален, така и на меѓународен план“, рече премиерот Димитриев.

„Јас уште сакам да потенцирам за постоењето на одличните билатерални односи меѓу ватикан и македонија и секако ние ја посочивме можноста за подобрување на тие односи во одредени точки“, нагласи кардиналот Паролин.

На средбата со претседателот Иванов се зборувало за прогласувањето на Мајка Тереза за светица- чин кој, според шефот на државата е од голема културна и историска важност за Македонија. Паролин вели дека Ватикан сѐ уште не донел одлука дали Папата Франциско ќе ја прифати поканата за посета на земјава.

Паролин ја освети новата бискупска резиденција на Водно. Овој објект ќе биде дом каде што вратите, а уште повеќе срцето, ќе бидат отворени за секој верник, рече скопскиот бискуп Киро Стојанов.

Државниот секретар на Ватикан, Паролин, посетата на земјава ја заврши со посета на католичката црква „Пресвето срце Исусово“.

 

Викторија Милевска