Совет на јавни обвинители: Одложена расправата за извештајот на СЈО

18.03.2016 17:14

„Има многу нејаснотии во извештајот за шестмесечната работа, нужно е присуство на специјалната јавна обвинителка“- ова е заклучокот на Советот на јавни обвинители. Ја обвинија Катица Јанева поради тоа што не дошла на денешната седница на Советот. Од кај неа одговор- нашето постапување е исклучиво согласно со законските одредби, па според тоа не станува збор за непочитување на Советот за јавни обвинители...

Специјалната обвинителка Катица Јанева не дојде на седницата на јавни обвинители. Членовите на Советот сакале објаснување за делови од шестмесечниот извештај за нејзината работа за кои констатирале нејаснотии.

„Јанева повторно покажа дека не го почитува Советот со тоа што не се појави на седницата“,  вели претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски. 

Аневски вели дека има одлука според која јавните обвинители треба да присуствуваат на седниците на Советот кога се разгледуваат извештаите за нивната работа.

Дали Јанева ќе присуствува на наредната седница- од Специјалното јавно обвинителство одговор:

„СЈО нема добиено писмен допис за да може и официјално да се произнесе и да ви одговори на поставените прашања. Би сакале да укажеме дека нашето постапување е исклучиво согласно со  законските одредби, па според тоа не станува збор за непочитување на советот за јавни обвинители.“

Извештајот за работата на Јанева ќе се разгледува во собранието на 28-ми март.

 

Наташа Гркова- Петрушевска