Се поттикнува соработката меѓу микро и малите претпријатија

18.03.2016 17:21

Изнаоѓањето нови бизнис- партнери и зголемување на продажбата е клучно за развој на нивните бизниси. Петгодишниот проект на УСАИД надминува 3 милиони долари и овозможува вмрежување, поддршка во извозот и пристап до инвестициски фондови...

Петгодишниот проект на Усаид, поддржан од Швајцарската амбасада треба да овозможи вмрежување и потесна соработка меѓу микро и малите фирми од различни региони во земјава. Се поддржува и воведувањето нови технологии и стандарди, а соработката е проширена и со земји од регионот.

„Се доближуваме веќе до 300 учесник во програмата. Има голем интерес за учество меѓу претприемачите од сите региони. Но е потребно бизнисмените да одвојат поголемо време, затоа што ова е долгорочна програма. Во текот на целата година се изведуваат активности, така што имаат голем бенефит оние што ќе се приклучат на програмата“, вели Татјана Марковска, канцеларија на УСАИД за економски развој.

Фирмите учеснички се од различни дејности, а честопати воспоставуваат соработка токму со компании од други сектори, со кои претходно немале бизнис- релации. Со помош на Швајцарската амбасада проектот се имплементира на целата територија на земјава.

„Швајцарската амбасада во овој проект се вклучи со 1.100.000 долари“, вели Анита Дамјановска, координатор на националната програма, амбасада на Швајцарија во Р. Македонија.

Проектот е насочен кон сегментот на микро претпријатијата, кои иако се на маргините според странските искуства се главен двигател на економскиот развој.

„Може да забележиме и со факти да потврдиме дека микро претпријатијата кои почнале со овој проект пред 5 години досега бележат раст и секоја година бележат зголемување на бројот на вработени“, изјави Билјана Дамевска заменик- директор на проектот за микро и мали претпријатија на УСАИД.

На веќе постојните микро компании им се олеснува воспоставувањето нови деловни контакти, изнаоѓањето нови бизнис- партнери и зголемување на продажбата, што според проектот е клучно за развој на нивните бизниси.

Вкупната вредност на проектот надминува 3 милиони долари и овозможува тренинзи, менторство, вмрежување, консалтинг, поддршка во извозот и пристап до инвестициски фондови.

Свето Николовски