Барак Обама во историска посета на Куба

21.03.2016 12:43

На аеродромот во Хавана, Обама беше пречекан од кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез, но не и од претседателот Кастро кој неодамна ги пречека на аеродромот папата Франциск и рускиот патријарх Кирил.

Американкиот претседател Обама доцна синоќа пристигна во Хавана, во историска посета на Куба. Тој е воедно и првиот претседател на САД којшто по 88 години престојува на овој карипски остров, додека е сѐ уште на функција. За време на посетата ќе се сретне со кубанскиот претседател Раул Кастро при што се очекува да разговараат за унапредувањето на билатералните економски и трговски односи, како и политичките реформи во земјата. Предвидено е да има средба и со група политички дисиденти, а ќе зборува во Националниот театар во Хавана, што директно ќе го пренесува Кубанската телевизија.

На аеродромот во Хавана, Обама беше пречекан од кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез, но не и од претседателот Кастро кој неодамна ги пречека на аеродромот папата Франциск и рускиот патријарх Кирил.

По пристигнувањето, Обама најпрвин ја посети амбасадата на САД, што по обновата на односите во декември 2014-та, беше одново отворена во август минатата година.

„Прекрасно е да се биде овде. Во 1928 година претседателот Кулиџ дошол овде со воен брод. Му биле потребни 3 дена. Мене ми беа потребни само 3 часа. За првпат претседателскиот авион „Ер форс уан“ слета на Куба и ова е нашата прва станица. Ова е историски момент и историска можност да се сретнам со кубанскиот народ и да склучиме нови договори и да ги зајакнеме врските меѓу двата народа“, рече Обама.

Двете земји ги обновија дипломатските односи, потпишаа трговски договори за телекомуникации и авионски линии и ја проширија соработката во областа на спроведување на законите и заштитата на природната средина.

Но, официјална Хавана смета дека вистинска обнова на односите ќе има дури откако САД ќе го укинат трговското ембарго воведено пред 54 години, како и по затворањето на американската поморска база во Гвантанамо на крајниот југоисток на Куба.

 

Марина Автовска