Дела од „Битолскиот монмартр“ дел од иконографијата на олимпијадата во Рио

21.03.2016 14:43

Ликовни дела на „Битолскиот монмартр“ по петти пат ќе бидат дел од иконографијата на светската олимпијада во Рио Де Жанеиро. Вака одлучи Меѓународниот олимписки комитет по прегледувањето на детските ремек- дела. Битолската чаршија како најчесто сликан објект ќе стане позната и во светот...

„Битолскиот монмартр“ станува препознатлив бренд и на големите светски спортски манифестации. По иницијатива на македонскиот, Меѓународниот олимписки комитет одлучи нивните ликовни дела да бидст дел од иконографијата на  олимпијада во Рио. Петата по ред олимпијада на која ке се претстават малите ликовни амбасадори ја наметна и новата творечка шема за престојното 35-то издание. Еден ден децата ќе сликат на тема „Олимпијадата во очите на децата“.

„Сигурно дека ќе патуваат најквалитетните дела, а колкава ќе биде бројката зависи од просторот што ќе ни го додели Меѓународниот олимписки комитет. На сето она што досега го имаме и она што ќе го насликаме, ќе направиме строга селекција“, вели раководителот на „Битолскиот монмартр“, Коста Хаџиантоновски.

Во потесниот избор ќе се најдат и соодветните дела што пристигнаа од последниот конкурс. Над 10.000 цртежи од 220 училишта од 28 земји од светот. Објавено е дека највисоката награда гран при е доделена за колекцијата на екипата од Спишка бела од Словачка, а околу осумстотини цртежи ќе ја карасат светската изложба што ќе се отвори во очи на годинешниот мајски светски детски ликовен самит. На него ќе учествуваат стотина деца од близу дваесет земји. Манифестација пред која се поклонуваат и еснафите и граѓаните.

„Восхитени сме, децата ја сликаат но и афирмираат опеаната битолска чаршија. За секоја почит“, вели дуќанџијата Петар Коруновски.

„Како не се амбасадори кога имаат свои преставништва во Хонк Конг и некои други земји“, вели Весна Ристевска.

За ликовните таленти знае и „Гинис“. Со изложбата од над 11.000 цртежи, дваесет години го држат приматот. Денеска имаат подготвено пет пати повеќе, но сеуште бараат адекватен простор да ги изложат и уште повисоко да се искачат на гинисовата скала.

 

Стевче Митревски