Иванов: Да се стави крај на политичката криза и на погубната политичка поделеност во Македонија

21.03.2016 14:49

„Мора да се стави крај на политичката криза и на погубната политичка поделеност во Македонија“- оваа порака ја испрати претседателот Иванов од конференција во Македонската академија на науките и уметностите. Говореше за мигрантската криза. Рече дека таа е шанса да се врати чувството за државност и одговорност кај партиите, и од власта, и од опозицијата...

Ниту една земја не може да го носи товарот на бегалската криза, од која профитираат и криминалните групи. Според официјалните податоци, нивната заработка од нелегалниот бизнис е 6 милијарди евра. Дури 90 насто од мигрантите кои транзитирале низ државава, ги користеле нивните услуги, рече претседателот Иванов. Мора јасно да се прати порака дека балканската рута дефинитивно е затворена, што е дел и од договорот меѓу Европската Унија и Турција. Според шефот на државава, дел од решението е и носењето „Маршалов план“ за Блискиот Исток и Северна Африка, но и градењето доверба и меѓусебната соработка. Европската Унија да ги замени бирократските со механизми за носење одлуки во кризни ситуации.

„Мигрантската криза е и можност за враќање на чувството за државност и одговорност кај политичките партии во Македонија, и од власта, и од опозицијата. Партиите не смеат да ја злоупотребуваат кризата за теснопартиски интереси и освојување евтини дневнополитички поени во предизборниот период. Мора да и се стави крај на политичката криза и на погубната политичка поделеност во Македонија“, рече претседателот Ѓорге Иванов.

Македонија во однос на мигрантската и бегалската криза ги почитува меѓународните стандарди, но кога националната безбедност е загрозена не треба да се исклучат и ригорозните мерки, вели академик Камбовски. Како што рече, Македонија не смее да остане изолирана,без стратегиски партнери и со влошени односи со соседите.

„Водејќи сметка и за сопствените национални интереси, не треба да се исклучува можноста во ситуација на влошување на состојбите до степен на крајна нужда, да се преземаат и рестриктивни мерки, посебно во однос на контролата на протокот на мигранти и бегалци заради опасноста од тероризам, или други тешки несакани последици по безбедноста и стабилноста на државата“, смета академик Владо Камбовски, член на МАНУ.

Масовната миграција е реалност што ја менува глобалната слика на светот не само во демографска, туку и во културолошка и цивилизациска смисла. Потребна е поактивна улога на научната јавност кон геополитиката, бидејќи таа не може да се сведе само на изучување на воените или безбедносните аспекти, заклучи академик Камбовски. 

 

Милчо Велески