Ниска стапка на заболени од туберкулоза
Четири години наназад Македонија се вбројува во земјите со ниска стапка на регистрирани случаи на туберкулоза. Во последните две години имало 300 заболени. Нулта толеранција за оваа смртоносна болест- цел на здравствените власти во земјава...

Од инфективниот убиец, туберкулозата- во земјава лани заболеле 284 граѓани, 18 починале. Намален е бројот на детската туберкулоза, доминира возрасната група од 45 до 54 години. Според лекарите, Македонија се вбројува во земјите со ниска стапка на заболени и умрени.
„За прв пат минатата година 2015 регистриран е пад на вонбелодробната туберкулоза кој изнеува 20 проценти, а лицата со белодробна форма на туберкулоза се застапени со 225 случаи или со 80 проценти од вкупниот број слуачи“, вели д-р Биљана Илиевска Попоска, директорка на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.
Министерството за здравство годинава издвои седум милиони денари за борбата против туберкулозата. Теренски ќе се проверуваат ризичните групи. Лекувањето на болните е бесплатно.
„Многу работиме на нивните контакти, навремено спречување на ширење на туберкулоза на семејството, на контактите, се прават анализи кај нив, се испитуваат. Се оди по семејствата каде што има туберкулозно болни, се советуваат навремено да ја земаат терапијата“, изјави Јованка Костовска, државен советник во Министерството за здравство.
Финансиската поддршка на глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија престанува годинава, затоа потребно е да се зголемат буџетите на национални ниво- велат од националниот координативен механизам.
„Клучно е превентивните активности кои се спроведуваат меѓу групите кои се под ризик од туберкулоза, тие треба соодветно национално, односно на локално ниво да бидат финансирани со зголемување на буџетите за контрола на туберкулозата“, вели Кристијан Јанкуловски, претседавач на Националниот координативен механизам.
Од туберкулоза лани во светот починале 9,6 милиони луѓе. Под мотото „Здружени да ја елиминираме туберкулозата“ - се одбележува Светскиот ден за борба против ова инфективно заболување.
Андријана Атанасовска
