Маргарет Етвуд- добитник на „Златен венец“ за 2016-та

21.03.2016 15:35

Канадската авторка Маргарет Етвуд е венценосец на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Таа е романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка. „Златниот венец“ ќе и биде врачен во август, на годинашното 55-то издание на меѓународниот фестивал на поезијата...

Поетите пишуваат поезија бидејќи ги љубат стиховите- чувствуваат нескротлива желба кон нив, пишува во писмото до Струшките вечери на поезијата, добитничката на Златниот венец, Маргарет Етвуд. Вели дека и е чест што е вклучена во група со истакнати поети.

Според министерката за култура, овој фестивал гради мостови меѓу сите светски поетски меридијани. Вели, оваа година Струшките вечери на позеијата ќе имаат венценосец со виртуозен поетски исказ и единствен стил.

Етвуд е романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка. Нејзиното пишување, главно се занимава со прашањата на феминизмот, кој таа го истражува низ различни жанрови.

„Златниот венец“ на Етвуд ќе и биде врачен на годинашното, 55-то издание на поетскиот фестивал, кој традиционално се одржува на крајот на август во Струга.

Од 1966-та година, откога Струшките вечери на поезијата доделуваат „Златен венец“, Етвуд е трета поетеса што ја добива наградата.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска