Случај „Диво насеље“: Сослушување на заштитени сведоци
Од судот потенцираат дека навремено ќе информираат кога судењето повторно ќе биде отворено за јавноста.

Со сослушување на заштитени сведоци предложени од обвинителството, зад затворена врата, продолжува судењето за кумановските настани на 9-ти и 10-ти мај. Од Кривичниот суд велат дека не можат да дадат процена за темпото со кое ќе се одвива сослушувањето на заштитените сведоци, ниту колку вкупно заштитени сведоци предложило обвинителството.
Од судот потенцираат дека навремено ќе информираат кога судењето повторно ќе биде отворено за јавноста. На претходните рочишта беа изнесени воведните зборови на обвинителството и на 29-темина обвинети за тероризам, а беа сослушани и десетина сведоци.
Пред судот сведочеа и четворицата полицајци кои беа нападнати во полициската станица во Гошинце во април минатата година. Во дводневната престрелка со терористичката група во кумановската „Дива населба“, загинаа осум полицајци.
