Писмо од Заев: Чекори по мислењето на Венецијанската комисија

22.03.2016 13:16

Заев бара преку работната група или на лидерски средби да се решат отворените прашања пред законите да влезат во сила и пред датумот на распуштање на Собранието.

По донесувањето на мислењето за Законот за приватност и Законот за пријавувачи од страна на Венецијанската комисија, потребно е да се преземат чекори за да се избегнат штетните недоследности во примената на договорот од Пржино, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев во писма испратени до првите луѓе на партиите- потписнички на договорот од Пржино и до амбасадорите на ЕУ и САД, Орав и Бејли.

Заев бара преку работната група или на лидерски средби да се решат отворените прашања пред законите да влезат во сила и пред датумот на распуштање на Собранието.

Заев во писмата укажал дека Венецијанската комисија заклучила дека за Законот за приватност е потребна ревизија, и тоа во делот на опфатот, па се препорачувало да се дозволи објавување содржини кои се поврзани со прашањето на јавен интерес, но со исклучок, ако преку нив се откриваат информации од приватниот и од семејниот живот.