Олимпизам

Ристевски: Подготвен сум за четири трки во Сочи

24.01.2014 17:14

Антонио Ристевски, Дарко Дамјановски и Марија Коларовска...

Антонио Ристевски, Дарко Дамјановски и Марија Коларовска, дефинитивно  е спортското трио, кое ќе ја претставува Македонија на Олимписките зимски игри во Сочи. Поводот за денешната прес конференција во Агенцијата за млади и спорт беше исполнетата „А“ олимписка норма на алпинецот Антонио Ристевски.

„Република Македонија е горда што нашите спортисти оваа година изборија учество на Зимските олимписки игри. Особено поради фактот дека беа засилени критериумите за обезбедување норма. Заслугата им припаѓа на спортистите, кои го изборија учеството на ЗОИ“-вели директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

Антонио  Ристевски втор пат во кариерата е учесник на Олимписките игри. Минува низ надобрата своја сезона, очекува успешен настап во Сочи.

„Очекувам четири квалитетни возења и во велеслалом и во слалом.Се надевам дека сите трки успешно ќе ги завршам. Ја знаете спецификата на скијањето, спорт во кој пристигнувањето на целта не е загарантирано. Верувам дека се ќе се одвива како што посакуваме.“-вели Ристевски

Селекторот на македонските алпинци Иван Лесевски вели  дека е минат исцрпувачки пат за отворање на вратите на Сочи:

„Оваа година минавме низ обемна подготвителна програма. Во неа вложивме многу труд. Се исплатеше и многу сум среќен поради тоа. Нашата цел беше А олимписката норма, ја исполнивме на многу убав начин, подигнувајќи го нивото на нашето скијање.“

За Владо Панов, претседателот на СФМ  трите исполнети норми за Сочи се резултат на вложувањата:

„Особено е задоволството пред се од резултатите на алпинецот Антонио Ристевски и нордиецот Дарко Дамјановски, кои со А норми одново ќе излезат на големиот олимписки полигон.Тоа е резултат на 12-годишната континуирана работа. Тие станаа натпреварувачи, кои професионално се однесуваат кон обврските и резултатите не изостанаа.“

Завршниот дел од подговките Антониот Ристевски ќе ги има во Бугарија со учество во две трки.Нордијците Дарко Дамјановски и Марија Коларовска формата за Сочи ја градат на Планица  во Словенија.