Реакции по терористичките напади: Европа е во воена состојба
Светот повторно се соочува со тероризмот на европско тло. Белгиските власти се во потрага по организаторите, а Франција мобилизира дополнителни полициски сили. Соопшти дека Европа е во воена состојба, а терористичките закани растат. Затворени се голем број аеродроми, а на отворените е подигната безбедноста на максимално ниво...

„Дами и господа, се случи она што стравувавме. Нашата земја и народ беа погодени од терористички напад на насилен и кукавички начин“- рече белгискиот премиер Чарсл Мајкл.
За помалку од половина година по Париз, светот уште еднаш во шок. Не стивнуваат реакциите преплавени со осуда за нападите и сочувства за загинатите. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини во солзи ја прекина заедничката конференција со јорданскиот министер за надворешни работи Насер Јудех. Рече- денеска е тежок ден.
„Ова е многу тажен ден за Европа бидејќи главниот град страда на истиот начин на којшто страдаат сите погодени на овој начин, без разлика дали станува збор за Сирија или за кој било друг дел во светот. Се уште чекаме попрецизни информации за динамиката на нападите во Брисел, но сосема е јасно дека корените на болката што ја чувствуваме сите се исти. Обединети сме во страдањето и во реакциите на ваквите чинови и спречување на радикализмот и на насилството“, изјави Могерини.
Белгискиот министер за надворшени работи, Дидие Рејндерс изјави дека трае потрагата по осомничени кои би можеле да бидат во близина на местото на нападите.
„Првото нешто што го направивме изутринава е што ги замоливме сите да останат во своите домови или онаму каде што се за да не се зголемува ризикот во ваква ситуација“, изјави Рејдерс.
Францускиот премиер Мануел Валс изјави дека Европа е во воена состојба и дека терористичките закани постојано растат.
„Ние сме во војна. Со месеци трпиме воени акти во Европа. Мора да имаме постојана мобилизација во таа војна“, рече Валс.
Овој став во поддржуваат и аналитичарите кои велат дека војната пристигнала на стариот континент и дека не се води повеќе само преку океанот. Британскиот премиер Камерон порача дека Европа мора да се обедини по нападите во Брисел кои ги оцени како дивјачки.
„Мора да бидеме обединети против овие терористи за да се осигураме дека нема да победат“, нагалси Камерон.
Полската премиерка Беата Сидло свика итна седница со министерот за внатрешни работи на земјата, претставници на специјалните сили и на полицијата.
„Во овој момент најважно е она што се случува во Брисел. Ние сме таму во мислите, се молиме за жртвите. Се надеваме дека нема да има уште повеќе жртви во оваа трагедија“, изјави Сидло.
Властите во Франција, Холандија, Велика Британија и во Гермнија го зголемија присуството на полицијата и на војската на аеродромите и на границите.
Франција мобилизираше 1.600 полицајци и ги распореди на сите важни точки на границите на земјата.
Британските власти испратија полициски сили на клучните позиции во Велика Британија.
Марина Автовска
