Проширување на истрагата за случајот „Титаник“
Освен вклученост на поранешни високи владини функционери, Јанева вели дека истрагата покажала вмешаност и на други лица, поради што, според неа, случајот добива поголеми размери...

80 проценти од доказите во случајот Титаник потврдуваат дека во изборните циклуси од 2011, 2012 и 2013 година има нерегуларности, соопшти специјалната обвинителка, Катица Јанева. Освен вклученост на поранешни високи владини функционери, таа вели дека истрагата покажала вмешаност и на други лица, поради што, според неа, случајот добива поголеми размери. Јанева информира дека се уште се работи на комплетирање на доказите.
„Самиот избор и на претседател, и на уставни судии и на пратеници е доведен во прашање. Тоа е мојот одговор за Уставниот суд. Мислам дека сите овие се нелигитимни институции и треба да го почитуваат Специјалното јавно обвинителство во нивните истраги за да ја утврдиме вистината“, изјавби специјалниот јавен обвинител, Катица Јанева.
За чист изборен процес, според јавниот обвинител, Марко Зврлевски потврда е формирањето на Комисијата во јавното обвинителство која има за цел да постапува по дојави од граѓани за изборни нерегуларности.
„Сите оние кои мислат дека се сторени или ќе бидат сторени дејствија во однос на нерегуларности во врска со изборите, на меил адреса која ќе биде објавена наскоро ќе може да пријавуваат. Тоа е со цел поефикасно да бидат гонети изборни нерегуларности“, изјави јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски.
На конференцијата за борбата против корупцијата зборуваше романската обвинителка Лаура Кодрута- Ковеси која застапувала обвиненија против премиер, министри и пратеници.
„Имавме проблеми кога одредени институции на државата одбиваа да ни дадат одредени документи кои што ни беа потребни, но преку законот имаме можност да ги обезбедиме овие материјали. Овој дел од законот им дава до знаење дека треба да соработуваат со нас, а ако не го праваат тоа ќе одговараат“, вели Лаура Кодрута- Ковеси, шеф на романската Дирекција за борба против корупцијата.
Ковеси рече дека во Романија има 1.250 луѓе обвинети за среден и висок степен на корупција, а од нив 970 се осудени со правосилна пресуда.
Анита Димитријевска
