Брисел: Идентификувани двајцата бомбаши самоубијци
Ден по терористичките напади во Брисел. Во Белгија безбедноста е подигната на највисокиот 4 степен. Идентификувани се двајцата бомбаши самоубијци. Националниот Аеродром ќе биде затворен најмалку до крајот на неделава. Белгискиот премиер најави дека денеска ќе работат училиштата и администрацијата, а ќе бидат отворени и трговските центри во Брисел...

Двајцата бомбаши самоубијци кои го изведоа нападот на бриселскиот аеродром се идентификувани како браќа по име Ел Бакарауи. Тие претходно и биле познати на полицијата. Властите и натаму трагаат по третиот осомничен. По терористичките напади во кои загинаа најмалку 34 лица, а 230 беа ранети, Белгија е во вонредна состојба. Прогласена е тридневна жалост, а знамињата се спуштени на половина копје. Идентификувана е и првата жртва во нападите. Станува збор за 36- годишна Перуанка, којашто во последните 9 години живеела во Брисел.
Од рано изутрината белгиската војска во метро станицата во Брисел ги проверува торбите на сите патници на самиот влез. Јавниот превоз ќе биде делумно отворен, иако некои станици остануваат затворени. Од аеродромот во Брисел се уште нема летови, и тој ќе биде затворен најмалку до недела, а улиците околу метро станицата Малбек се затворени за сообраќај. Полицијата упати апел до граѓаните да ја избегнуваат таа област. Училиштата, шопинг и административните центри низ Белгија денеска ќе функционираат и покрај максималното четврто ниво на закана од можен нов напад. Дел од големите компании, пак, решија да бидат затворени.
Белгискиот јавен обвинител соопшти дека е се уште рано да се каже дали вчерашните напади имаат поврзаност со терористичкиот напад во Париз минатата година.
Во меѓувреме германските медуми јавија дека тројца Албанци се уапсени под сомнение дека се поврзани со вчерашните напади. Нивниот идентитет не се наведува, но познато е дека за едниот од нив имало налог за протерување од белгија.
Властите во Франција, Холандија, Велика Британија и во Германија го зголемија присуството на полицијата и на војската на аеродромите и на границите. Франција мобилизираше 1.600 полицајци и ги распореди на сите важни точки на границите на земјата, а британските власти испратија полициски сили на клучните позиции во Велика Британија.
Марина Автовска
