Нападите во Брисел нема да бидат последни
Нападите во Брисел нема да бидат последни, но нов напад е невозможно да се предвиди каде и кога ќе се случи, сметаат двајца американски генерали со големо искуство во мировните мисии и операции против терористички организации. Ниту една држава во светот не е имуна на тероризам, но мораме да се подготвиме на меѓународно ниво, оценуваат американските генерали.

Терористичките напади во Брисел, нема да бидат последни, но тешко е да се предвиди каде и кога ќе се случи следниот напад, оценува американскиот генерал Мајкл Дуби, поранешен Командант на Националната Гарда на Вермонт. Според него, многу држави веќе преземаат превентивни мерки за да спречат нов напад.
„Многу сум загрижен. Моите сочуства до семејствата на загинатите во Брисел. Ова ме потсетува на нападите во Сан Бернардино или во Париз, пукањето во Форт Худ, бомбите во Бостон, што се блиску до САД, но се работи за ист феномен. Луѓе коишто вршат насилство врз невини, што нема смисла. Загрижен сум како и многу други , дека ќе има уште напади. Њујорк веќе презема мерки на безбедност, исто и Лондон, како и многу главни градови во светот се обидуваат да се подготват превентивно за нов напад. Невозможно е да се предвиди што ќе се случи, но мораме да се подготвиме на меѓународно ниво“, изјави пензионираниот генерал Мајкл Дуби- поранешен Командант на Националната Гарда на Вермонт.
Врховниот Командант на НАТО за Европа, генерал Филип Бридлов пред еден месец предупреди дека терористите од Исламската држава се кријат меѓу бегалците коишто пристигаат во Европа. Воените операции против Исламската држава не се доволни за запирање на бранот бегалци во Европа, смета генералот Џон Ален, поранешен Командант на ИСАФ во Авганистан.
„Знам дека Македонија се справува со бегалците, како и други држави, ваши соседи. Мислам дека имаше разговори на високо ниво во последниве денови меѓу Вашиот претседател и мислам на Хрватска. Знам дека нациите во регионот се длабоко загрижени поради бегалците. Но морам да кажам дека ИДИЛ не е единствената причина за бегалците, туку и режимот на Басар Ел Асад и граѓанската војна што трае веќе 5 години. Се додека не ја запреме таа граѓанска војна, колку и да ги напаѓаме ИДИЛ, се уште ќе има бегалци“, смета пензионираниот генерал Џон Ален, поранешен Командант на ИСАФ во Авганистан.
Македонските војници се одлично обучени и подготвени за справување со сите безбедносни ситуации. Тоа го покажаа и во 2011-та кога го одбранија штабот на НАТО во Кабул од нападот на Талибанците, потсетува генералот Ален којшто тогаш беше Командант на ИСАФ.
Веднаш по нападите во Брисел, се воведоа засилени безбедносни мерки на американските аеродроми, метро и железнички станици.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
