Светската сензација на мандолина, Ави Авитал, солист со Македонската филхармонија
Под палката на еден од најдобрите европски диригенти, Михал Нестерович од Полска, „Греми“ номинираниот виртуоз Авитал ќе изведе два концерти за мандолина и оркестар од Јохан Хумел и Антонио Вивалди.

Светската музичка сензација Ави Авитал од Израел, на утре во Домот на АРМ во 20 часот, ќе настапи како солист на мандолина заедно со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Алхемија“.
Под палката на еден од најдобрите европски диригенти, Михал Нестерович од Полска, „Греми“ номинираниот виртуоз Авитал ќе изведе два концерти за мандолина и оркестар од Јохан Хумел и Антонио Вивалди.
Изведбите на Ави Авитал според „Њујорк тајмс“ се „исклучително чувствителни и прекрасни“. Критиката ќе каже дека тој е своевидна сензација, и е едногласна дека е вистински виртуоз кој свири со огромна посветеност.
На концертот насловен „Алхемија“, под палката на маестро Нестерович, Македонската филхармонија ќе ги изведе и „Три танци во стар стил“ од еден од најдобрите полски современи композитори Хенрик Горецки, како и грандиозната Симфонија бр. 4 од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.
