Уапсениот во Андрлехт не е третиот бриселски терорист
Лахрауи е 24-годишен белгиски државјанин, кој во Европа се вратил од Сирија во 2015 година. Само еден ден пред нападите во Брисел, тој бил осомничен дека ги направил експлозивите што биле користени во терористичкиот напад во Париз.

Белгиските медиуми ја повлекоа веста што утрово ја објавија, дека во Андрлехт е уапсен третиот осомничен за нападите во Брисел, идентификуван како Наџим Лахрауи.
Лахрауи е 24-годишен белгиски државјанин, кој во Европа се вратил од Сирија во 2015 година. Само еден ден пред нападите во Брисел, тој бил осомничен дека ги направил експлозивите што биле користени во терористичкиот напад во Париз. Неговата ДНК била пронајдена во две засолништа што ги користеле париските напаѓачи. Другите двајца бомбаши самоубијци се идентификувани како браќа по име Ел Бакарауи. Тие претходно и биле познати на полицијата.
По терористичките напади во кои загинаа најмалку 34 лица, а 230 беа ранети, Белгија е во вонредна состојба. Прогласена е тридневна жалост, а знамињата се спуштени на половина копје.
Идентификувана е и првата жртва во нападите. Станува збор за 36-годишна Перуанка, која во последните 9 години живеела во Брисел. Белгискиот крал изјави дека 22-ри март никогаш повеќе нема да биде ист.
