Брисел: Уапсениот не е третиот осомничен за нападите
Лахрауи е 24-годишен белгиски државјанин, кој во Европа се вратил од Сирија во 2015-та година. Само еден ден пред нападите во Брисел, тој бил осомничен дека ги направил експлозивите што биле користени во терористичкиот напад во Париз. Неговата ДНК била пронајдена во две засолништа што ги користеле париските напаѓачи...

Откако претходно беше соопштено дека белгиската полиција го уапсила Наџим Лахрауи, третиот и единствен преживеан осомичен напаѓач во вчерашните терористички напади во Брисел, белгиските медиуми ја повлекоа веста со образложение дека уапсениот бил погрешно идентификуван.
Инаку, Лахрауи е 24-годишен белгиски државјанин, кој во Европа се вратил од Сирија во 2015-та година. Само еден ден пред нападите во Брисел, тој бил осомничен дека ги направил експлозивите што биле користени во терористичкиот напад во Париз. Неговата ДНК била пронајдена во две засолништа што ги користеле париските напаѓачи. Другите двајца бомбаши самоубијци се идентификувани како браќа по име Ел Бакарауи. Тие претходно и биле познати на полицијата.
По терористичките напади во кои загинаа најмалку 34 лица, а 230 беа ранети, Белгија е во вонредна состојба. Прогласена е тридневна жалост, а знамињата се спуштени на половина копје. Идентификувана е и првата жртва во нападите. Станува збор за 36-годишна Перуанка, која во последните 9 години живеела во Брисел. Белгискиот крал изјави дека 22-ри март никогаш повеќе нема да биде ист.
„Загубени животи, длабоки рани, страда целата земја. Матилда и јас ја споделуваме болката со вас, со луѓето кои ги загубија своите најблиски и со оние кои беа повредени во овие одвратни напади. Поради можните закани, ќе продолжиме да одговараме со единство и цврстина. Со студена глава и со достоинство. Да ја чуваме вербата, таа е нашата сила“, изјави Кралот Филип.
Јавниот превоз ќе биде делумно отворен, иако некои станици остануваат затворени. Од аеродромот во Брисел се уште нема летови, и тој ќе биде затворен најмалку до недела, а улиците околу метро станицата Малбек се затворени за сообраќај. Полицијата упати апел до граѓаните да ја избегнуваат таа област.
Училиштата, шопинг и административните центри низ Белгија денеска ќе функционираат и покрај максималното четврто ниво на закана од можен нов напад. Дел од големите компании, пак, решија да бидат затворени.
Во медиумите излегоа информации дека полицијата пронашла компјутер со податоци за Исламска држава и дека моментално ги проверува.
Федералното биро за истраги (ФБИ) на Соединетите Американски Држави и њујоршката полиција во Брисел испраќаат свои експерти за да ги истражат потенцијалните американски жртви.
Марина Автовска
