Отворен прв ИТ Хаб на битолскиот универзитет

23.03.2016 15:23

Преку првиот ИТ Хаб центар, студентите при битолскиот универзитет добиваат практична алатка за стекнување стручна помош при креирањето на претприемничките идеи. Крајната цел е нови можности за самовработување и зголемување на пазарната вредност на трудот.

Од бизнис планирање до соодветна инфраструктура и подршка на нивните производи се почетните услуги што ИТ Хаб центар во рамките на Факултетот за информатички и телекомуникациски технологии им ги става на располагање на студентите и сите останати професионалци од овој сектор, во реализацијата на своите претприемачки идеи. Теоретското знаење да добие практична примена ќе значи стекнување поголема самодоверба, велат студентите.

„Она што сум го стекнал како теоретско знаење со соодветна стручна помош сега добивам шанса да проверам дали и практично успешно би го применил преку мојата замислена бизнис идеа“, вели студентот Игор Завојчевски.

Првиот ИТ Хаб е плод на подолгата соработка на факултетот со Програмата за зголемување на пазарна вработливост и онаа на Швајцарската агенција за развој и соработка. Од најмладата високо научна институција каде во последните две акедемски години се запишале над 600-тини студенти велат- овој центар ќе даде нови димензии на она што беше сработено досега и она што предвидува новата четири годишна студиска програма.

„Во изминативе две години на нашиот факултет формиравме дури 28 студенски работни групи со145 студенти кои активно работеа и работат на софтверски инженеринг и мрежни сервиси“, вели деканот проф. д-р Пеце Митревски.

Фокусот на практичната работа е ставен во секторите туризам, креативни индустри и зелена економија.

„Една од целите што е примарна и скаме да ја постигнеме е нашите услуги и производи да станат поблиски до странските пазари и да креираме околу 2.000 нови работни места“, вели директорот на „Преда Плус“, Борче Јанкуловски.

Иако во последниве години постои тренд на отворање  нови ИТ бизниси, сепак регионот се соочуваше со немање организиран пристап и механизми за поддршка на бизнис идејата. Новиот ИТ Хаб се очекува да даде еден поинакав придонес.

 

Стевче Митревски